„СУПЕРХИКС“ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ ТРИ ДЕЦЕНИИ ПОСТОЕЊЕ СО НИЗА НАСТАНИ, НАЈАВЕН ГОЛЕМ КОНЦЕРТ ЗА МАРТ 2024

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од трио на другари до еден од најпопуларните македонски бендови, „Суперхикс“ се подготвува за прослава на три децении постоење. Иако формирана на крајот на 1993, групата го слави својот роденден на 3 март, денот кога пред 29 години го имала првиот настап во култниот скопски рок клуб „The Doors“.

Импресивниот јубилеј ќе се одбележува во текот на годината, што ќе кулминира со голем концерт во март 2024, при што се најавени и многу гости. Од групата велат дека деталите наскоро ќе бидат објавени.

„Покрај ‘централната прослава‘, ова ќе биде година на нов албум, суперхиксовска изложба, акустични сесии, документарец, регрутација на младо членство со настапи низ училишта и уште куп други активности. Да не биде не сме кажале на време, имате една година“, објави „Суперхикс“.

Фановите чекаат нов албум на „Суперхикс“ веќе шест години, односно од излегувањето на „Андерграунд евергрини“. Новиот албум уште лани беше најавен со сингловите „Крута“ и „Добар Човек“.