ТАМАРА ЌЕ ПЕЕ ПРЕД МАДОНА ВО ФИНАЛЕТО НА ЕВРОВИЗИЈА

Тел Авив, (СМАРТ СДК.МК)

По цели седум години пауза, Македонија ќе има претставник во финалето на Евровизија. Тоа ѝ успеа на Тамара Тодевска со беспрекорната изведба на песната „Горда“ во втората полуфинална вечер во Тел Авив.

  • Тамара настапи претпоследна, но неизвесноста траеше кратко откако името на Северна Македонија беше прочитано прво при објавувањето на резултатите.
  • Освен Македонија, во саботното финале продолжуваат и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта.
  • На првото полуфинале одржано во вторникот за финале се изборија Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.
  • Загарантирано место во финалето имаа Франција, Германија, Италија, Шпанија, Велика Британија и домаќинот Израел.
  • Последниот македонски финалист на Евровизија беше Калиопи, која во 2012 година настапи со песната „Црно и бело“.
  • Тамара по вторпат учествува на Евровизија, но во 2008 година во Белград настапи заедно со Врчак и Адријан Гаџа.
  • Финалето е в сабота од 21 часот, а специјална гостинка ќе биде поп кралицата Мадона, која ќе отпее две песни, од кои една од се уште неиздадениот нов албум.