ТАМАРА ТОДЕВСКА СНИМИ ПРЕРАБОТКА ОД СРПСКАТА ПЕЈАЧКА ЛЕНА КОВАЧЕВИЌ СО БИЛБИЛОВ И ДИЏЕЈ НИКИФОР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тамара Тодевска заедно со Роберт Билбилов и диџеј Никифор ја преработи песната „Викај ме Лена“ (Зови ме Лена) од српската пејачка Лена Ковачевиќ. Со оваа песна, таа се натпреваруваше на српскиот избор за Евровизија годинава.

Оваа преработка е најава за новиот албум на Билбилов со уметничко име Just RB и диџеј Никифор, насловен „Африканска кралица“ (African Queen). Албумот е инспириран од африканската музичка култура.

Автор на музиката на песната е Дарко Димитров, кој заедно со Билбилов и Лазар Цветкоски работеше на оригиналната верзија.

„Тамара Тодевска како еден од најдобрите женски вокали со своите енергија и сензибилитет даде нова вредност на песната. Публиката има можност да слушне музика која е во духот на африканските звуци и култура“, велат Билбилов и Никифор.

„Среќна сум што на овој римејк работев заедно со моите добри пријатели и соработници Роберт Билбилов и Никифор, секако и Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, кои се дел од целиот проект. Работата во студиото се одвиваше брзо, во една убава атмосфера и динамика, како што е и самата песна“, вели Тодевска.