ТАМАРА ТОДЕВСКА СО КОСТА КАЏИКОЈЧЕВ ГО СНИМИ ДУЕТОТ „НИКОЈ КАКО ТИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Никој како ти“ е новата песна на Тамара Тодевска и Коста Каџикојчев, кој е автор на текстот, музиката и на аранжманот. Видеоспотот за новата поп-песна се снимаше на неколку локации во Скопје, а е во режија на Били Ди. Во него глумат двајца актери кои ја раскажуваат приказната на „Никој како ти“.

„Песната ја работевме во текот на летото во студиото на Коста и уште на прва ми се допадна. Морам да бидам искрена и да кажам дека ‘Никој како ти’ ми има и ретро момент и малку ме потсетува на времето кога поп музиката во Македонија навистина беше на едно завидно ниво. Спотот го снимивме во една вечер во Скопје. За време на снимањето навистина беше динамично, по малку студено, но како екипа, задоволни сме од крајниот резултат“, рече Тамара Тодевска.

Каџикојчев вели дека е среќен што пејачка од рангот на Тамара прифатила да сними дует.

„Кога се снимаше спотот на сите им кажував дека имам и трема и среќа и неверување дека снимам со неа“, вели пејачот.

„Никој како ти“ е достапна на сите музички платформи.