ТОКИО ГО НАГРАДИ МАКЕДОНСКО-ЈАПОНСКОТО ПИЈАНО ДУО ЗА ИЗВЕДБАТА НА „ДАЛИ ПАМЕТИШ МИЛИЦЕ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонско-јапонското музичко дуо Ема Попивода-Асами Сате е избрано и наградено за најуспешен проект од градската управа на Токио меѓу 20.000 пријавени проекти. Композицијата за две пијана „Дали паметиш Милице“ од циклусот Ноктурна оп. 52 б на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски е снимена онлајн, за време на карантинот.

Видеото е инспирирано од архитектот Кензо Танге, кој ги поврзува Скопје и Токио и содржи снимки од двата града, како и макети и планови за изградба на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963. Танге работел на планот за изградба на Скопје по земјотресот, ги проектирал и зградата на владата на Токио и националниот стадион „Јојоги“ во Токио, објекти кои и денес се едни од најзначајните во јапонската архитектура.

Видеото го монтираше Милан Тоциновски, додека продуцент е Давор Попивода.

Пијанистките Сате и Попивода соработуваат од 2016 година. И двете имаат интернационални кариери како солистки. Попивода е доктор на музички науки, професор по пијано на Музичката академија во Штип и активна пијанистка со бројни настапи низ Европа, САД и Азија.