ТРЕТ КОНЦЕРТ НА ЗДРАВКО ЧОЛИЌ СО СИМФОНИСКИ ОРКЕСТАР ВО СКОПЈЕ, ПРВИТЕ ДВА СЕ РАСПРОДАДЕНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Здравко Чолиќ ќе одржи трет концерт со симфониски оркестар во Скопје, на 21 март во салата „Јане Сандански“, откако се распродадоа двата на 18 и на 19 март, објави организаторот „МК тикетс“.

Ова ќе биде негов прв настап во Скопје по шест години пауза, овојпат со симфониски оркестар, составен од 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Новите аранжмани на неговите хитови прилагодени за оркестар ги подготви диригентот Федор Вртачник.

„Моите пријатели и соработници со години ме убедуваа да направиме репертоар и концерт во придружба на голем оркестар. На иницијатива на славниот диригент Федор Вртачник го покренавме целиот проект. Целосно му препуштив да ги одбере песните кои ќе добијат ново руво и звук, соодветни за оваа ексклузивна музичка приказна“, кажа Чолиќ.
Салата „Јане Сандански“ ќе биде исклучиво со места за седење.