УШТЕ СУМ ВОЗБУДЕНА ОД НАСТАПОТ НА ФЕСТИВАЛОТ „БЕЛГРАДСКА ПРОЛЕТ“, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА АНА ПЕТАНОВСКА, КОЈА ИСПЕА ПЕСНА ПОСВЕТЕНА НА ТОШЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младата поп-пејачка Ана Петановска вели дека е уште под импресии од настапот на фестивалот „Белградска пролет“. Во салата „МТС“ во Белград таа настапи со песната „Балада за ангелот“ од познатиот композитор Григор Копров. Аранжманот е на Стефан Петановски, а текстот на Душан Бачиќ.

Во дел од песната има посвета за Тоше Проески. Петановска ја испеа на српски јазик, но има еден стих на македонски, дел од хитот на Тоше „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, песна која ја напишаа Копров и текстописецот Огнен Неделковски.

„Впечатоците конечно стивнуваат и навистина ми недостасуваат тие неколку дена. Беше едно навистина исполнително искуство и чест ми беше да сум таму со сите пејачи. Се запознав со голем дел од нив и сите беа многу мили. Јелена Томашевииќ, Гоца Тржан и Тијана Богичевиќ беа некои од реномираните пејачи таму и беше големо задоволство да се биде меѓу нив. Остварив познанства и со други музичари кои настапуваа и сите имаат многу автентични пејачки квалитети, па со некои од нив имавме често разговори околу пејачките техники, возбудата и други искуства со пеењето“, ни рече Петановска.

Од самиот настап сум задоволна, се потрудив да го изнесам искреното од себе, вели Ана Петановска (Фото: Јутјуб принтскрин)

Пејачката вели дека се трудела да ги впие сите искуства и да ужива и за првпат била во Белград, за кој вели дека е прекрасен град со многу душа.

„Од самиот настап сум задоволна, се потрудив да го изнесам искреното од себе. Морам да споменам дека огромен дел од мојата самодоверба вечерта, а и претходно на настапите, ѝ го припишувам на дизајнерката Елена Лука, која заедно со тимот ми го овозможија фантастичниот фустан и се погрижија од срце за изгледот“, вели пејачката.

Иако студира психологија и тоа е нејзината вистинска идна професија, Петановска е една од нашите најдобри млади поп-рок пејачки. Беше гостинка на речиси сите концерти во Операта последниве години: Василичарскиот, концертите на битолскиот Камерен оркестар со Ем-Ти-Ви хитовите, а публиката ја воодушеви и на гала концертот со оскаровските хитови во февруари.

М. ЏАРОВСКА