ВАШАТА ЉУБОВ МЕ СПАСИ ДА ГИ ПРЕБРОДАМ НАЈТЕШКИТЕ МОМЕНТИ ВО ЖИВОТОТ, РЕЧЕ ДАНИЈЕЛА МАРТИНОВИЌ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поп-пејачка Данијела Мартиновиќ сношти го одржа првиот од двата концерта во Филхармонијата. Повеќе од два часа шармантната пејачка танцуваше и ги пееше своите најголеми хитови и во Скопје ја донесе Далмација, зборуваќи на нејзиниот сплитски акцент.

„Ви благодарам што ме следите сите овие години. Ви благодарам што бевте тука и кога не знаевте дека бевте. Вие ме спасивте, токму поради вашата љубов ги пребродив најтешките моменти во животот“, рече Мартиновиќ.

Меѓу песните, таа откриваше делови од својот приватен живот и од нејзините мемоари, кои ги објави во книгата „Туширање на душата“ минатата година.

Во чест на Оливер Драгојевиќ, Данијела Мартиновиќ ја испеа неговата песна „Романса“ (Фото: К. Попов)

„Целиот мој живот сум под рефлектори, под лупата на милионски аудиториум, а всушност се чувствував многу осамено. Мене ми е тешко да кажам до видување, а камоли збогум на драги луѓе. Еден човек кој ми беше ментор, мој автор и втор татко во еден период од животот си замина прерано, тоа е Ѓорѓе Новковиќ“, рече Данијела и ја испеа песната „Груби зборови“ (Грубе ријечи) во негова чест.

Зборуваше и за Кемал Монтено, за моментот кога ѝ се јавил за да ѝ понуди дуетска песна, а воопшто не се познавале и кога го слушнала, почнале да ѝ се тресат колената.

„Дојди во студио, ќе ја испееш песната и ќе те носам на пуканки“, ѝ кажал сараевскиот кантавтор.

Фото: К. Попов

Мартиновиќ, која летово ќе наполни 53 години, се сети на нејзиното прво гостување во Скопје кога петпати по ред ја наполни Универзална сала во 1998 и како луѓето ја чекале пред салата и ја следеле до хотелот. Тогаш со песната „Нека не ми осамне“ (Нека ми не сване) го освои петтото место на Евровизија. И сега, 26 години подоцна, таа е на сцената со истата енергија. Неуморно танцува, си ги собува чевлите и скока, но и со радост ги пее песните од групата „Магазин“, чија пејачка беше. Токму на евровизискиот хит престана да ѝ работи микрофонот, па позајми од еден од колегите од бендот, но не ѝ требаше. Публиката ја испеа целата песна речиси сама, од почетокот до крајот.

„Ќе ве замолам нешто на крајот. Колку и да ви е тешко, колку и да имате лош ден, сетете се на мене и насмевнете се. Таа насмевка некому може да му спаси живот. Луѓето нема да паметат што сте сториле за нив, нема да паметат што сториле тие за вас, само ќе паметат како се чувствувале покрај вас“, порача Мартиновиќ пред бисот.

Концертот го организираше „Авалон“, а Даниела Мартиновиќ ќе пее и вечерва во Филхармонијата од 20 часот.

М. ЏАРОВСКА