„ВИЕНСКА ФАНТАЗИЈА“ – КОНЦЕРТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА СО ВИОЛИНИСТОТ ДОЛИ НА 28 МАЈ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

„Виенска фантазија“ е насловен концертот на Филхармонијата, кој ќе се одржи на 28 мај во 20 часот. Како солист ќе настапи виолинистот Шкељзен Доли од Албанија, а диригент е Михаил Мачиашчек од Полска.

На програмата се „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и Симфонија бр. 40 во ге-мол од Вофганг Амадеус Моцарт. Концертот се реализира во соработка со фестивалот „Сцена на Албанската сериозна музика”

Доли, роден во Елбасан, Албанија, израснат во Ѓаковица, Косово е истакнат виолинист кој денес активно дејствува на меѓународната сцена. Со изучување на виолина започнал во 1980, а во периодот од 1987 до 1991 се школувал во Музичкото училиште во Нови Сад, во класата на Евгенија Чугуева.

Во 1989  ја освоил првата награда на Југословенскиот натпревар за млади музичари во Сараево. Во 1992  ги продолжил студиите на Универзитетот за музика и изведбени уметности во Виена, каде што се усовршувал кај професорите Дора Шварцберг, Михаел Фришеншлагер и Јозеф Хел. Набргу потоа станал соработник (замена) во оркестарот на Виенската државна опера, а подоцна и редовен член на виолинската група.

Од 1995 година е член на Виенската филхармонија, со што. како што велат од Филхармонијата, се вбројува меѓу врвните оркестарски музичари на денешницата.

(Фото: Фејсбук)