ЗАКАЖАН ВТОР КОНЦЕРТ НА КЕНДИ ДАЛФЕР ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Авалон продукција“ објави дека ќе има втор концерт на холандската џез и поп саксофонистка Кенди Далфер во Скопје. Првиот, закажан за 8 април, се распродаде, па Далфер уште еднаш ќе настапи во Филхармонијата следниот ден. Влезниците за вториот концерт утрово беа пуштени во продажба.

Никогаш не беше спорно дека ќе има интерес за втор концерт на Кенди во Скопје. Сите оние кои останаа без влезница за првиот концерт, ќе имаат шанса да ги гледаат Кенди и нејзиниот фуриозен бенд и на 9 април, од 20 часот“, соопшти „Авалон“.

Педесет и тригодишната Далфер свири саксофон од седумгодишна возраст и е главно самоука музичарка, но и покрај тоа, стана вистинска светска ѕвезда на овој инструмент. Има соработувано или настапувано со имиња како Принс, Ван Морисон, „Пинк Флојд“, Мадона и Дејв Стјуарт и објавено 13 албуми, од кои последниот излезе лани.