ЗАРИНА ПРВАСЕВДА ГОСТИНКА НА КОНЦЕРТОТ НА „БАРСЕЛОНА ЏИПСИ БАЛКАН ОРКЕСТАР“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската пејачка Зарина Првасевда ќе биде гостинка на концертот на интернационалниот музички состав Барселона џипси Балкан оркестар“ на 28 февруари во Филхармонијата.

Овој состав е основан во Барселона пред 13 години, а Иван Ковачевиќ од Србија, кој свири контрабас, им ја всадил љубовта кон балканската музика. Речиси сите во бендот зборуваат на различен мајчин јазик. На социјалните мрежи станаа вирални по изведбата на „Море сокол пие“ во емисијата на познатиот српски сатиричар Зоран Кесиќ. Пејачка на бендот е Маргерита Абита, која пее песни на македонски, ромски, српски, шпански, руски и италијански јазик.

Оркестарот има снимено седум студиски албуми и има и членови од Шпанија, Франција и Украина. На репертоарот ги има и „Море сокол пие“, „Македонско девојче“ и песни од Есма Реџепова-Теодосиевска.

Евгенија Здравевска, со уметничко име Зарина Првасевда, во 2023 ја доби наградата за нов талент во изборот на европската UpBeat платформа во Будимпешта. Како награда, таа доби снимање видео со француската продукција „Ла Блоготек“ .

Влезниците за концертот се продаваат преку продажната мрежа на Мк тикетс.