Здравко Чолиќ, една од најголемите музички ѕвезди во поранешна Југославија, ќе одржи концерт во Скопје на 18 март следната година, во салата „Борис Трајковски“.
Ова ќе биде негов прв настап во Скопје по шест години пауза, овојпат со симфониски оркестар, составен од 50 музичари од Биг бендот од Нови Сад и од оркестарот на Операта на Српскиот народен театар од Нови Сад. Новите аранжмани на неговите хитови прилагодени за оркестар ги подготви диригентот Федор Вртачник.
Пред Скопје, Чолиќ со оркестарот настапи во Љубљана, Бања Лука, Пула, Риека, Загреб и на рок фестивали во Србија.
„Моите пријатели и соработници со години ме убедуваа да направиме репертоар и концерт во придружба на голем оркестар. На иницијатива на славниот диригент Федор Вртачник го покренавме целиот проект. Целосно му препуштив од големиот опус на мои песни да ги одбере оние кои ќе добијат ново руво и звук, соодветни за оваа ексклузивна музичка приказна“, вели Чолиќ.
Салата „Борис Трајковски“ на 18 март ќе биде исклучиво со места за седење. Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс.
Фото: И. Мердановиќ