НА 30 МАЈ ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА „ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ ВО ВСЕЛЕНАТА“ НА НЕЗАВИСНИОТ ТЕАТАР „ШТРИХ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Првиот Македонец во вселената“, по текст и режија на Борис Василески, во продукција на независниот театар „Штрих“, премиерно ќе се изведе на 30 мај во „Јавна соба“ во Скопје. Претставата се игра од 20 часот, а билетот чини 600 денари. Следниот ден ќе има уште една изведба.

„Оваа претстава почна од едно наивно, речиси детско прашање: што би се случило ако еден Македонец навистина поверува дека може да стигне до вселената? Не како шега. Не како метафора. Не како национална фантазија за големина. Туку како потреба човек да излезе од просторот, во кој постојано му се кажува дека е мал, задоцнет и невозможен“, вели Василески.

Во претставата играат Марјан Наумов, Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Јанка Лефкова, Ана Грамосли и Вера Тошева.

Продуцентка е Андреа Маркоска, драматург е Марио Стојаноски, музиката и дизајнот на звук се на Ади Имери, сценографијата на Ненад Тонкин, костимите на Марта Дојчиновска, видеоанимацијата на Артериа Емил Петро, а графичкиот дизајн на Даница Јанковиќ.