„Only Artists Left Alive“ е првата премиера на независното театарско здружение „Штрих“, што ја прави во копродукција со Народен театар во Битола и Младински културен центар во Скопје. Ќе се изведе утре во Народен театар во Битола, со почеток во 20 часот, додека во Скопје ќе игра во септември.

Претставата е во режија на Мартин Кочовски, а драматург е Стефан Миленков. Во актерската екипа се Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Здравко Стојмиров и Марија Стефановска. Музиката ја има подготвено Пеце Трајковски, сценографијата е на Филип Јовановски, а костимите на Марта Дојчиновска.

„‘Only Artists Left Alive‘ говори првенствено за моќта и способноста на актерот и за сето она што актерската уметност може да му го даде на човештвото со поставување на прашањето ‘Дали научивме нешто од сево ова?‘. Начинот на кој ова функционира е со склоп на повеќе сцени од разни автори и временски периоди. Претставата патува низ времето, од самите почетоци на антиката, па до денешнината“, се вели во најавата на претставата.