НАДАЛ ИСПАДНА ОД ТОП-10 ЗА ПРВПАТ ОД 2005, НО ОСТАНУВА ФАВОРИТ НА РОЛАН ГАРОС

Мадрид, (Ројтерс)

Поради неиграњето на Мастерс турнирот во Индијан Велс Рафаел Надал испадна од топ-10 на АТП-листата за првпат од 2005 година, но тој и натаму ќе биде голем фаворит на претстојниот Ролан Гарос ако успее целосно да се врати во форма.

Триесет и шестгодишниот Шпанец беше принуден да го пропушти турнирот во Калифорнија, каде што лани стигна до финалето, бидејќи и натаму заздравува од повредата на колкот, која придонесе да го заврши настапот на Отвореното првенство на Австралија уште во второто коло. Поради неможноста да брани 600 поени, Надал назадуваше за четири места, па сега е 13. на АТП-листата, завршувајќи го својот 912 недели долг престој меѓу најдобрите десетмина тенисери на светот.

Но, тоа би можело да трае кратко. Надал планира да игра на Мастерс турнирот во Монте Карло следниот месец, кој е увертира за Ролан Гарос, каде што триумфираше рекордните 14 пати.

Нема да бидам шокиран ако Надал уште еднаш го крене трофејот. Тој веројатно ги искористи сите овие недели и месеци за да се подготви токму за Ролан Гарос“, вели светскиот рекет број четири Каспер Руд.

Тенисот лани остана без Роже Федерер и Серена Вилијамс, кои се повлекоа од терените, но Надал, а особено Новак Ѓоковиќ и натаму се држат.

За целиот тениски свет би било убаво уште еднаш да го видиме Надал на Ролан Гарос. Ѓоковиќ е прв фаворит за освојување на останатите гренд слем турнири, но ако Надал биде здрав, тоа нема да биде случај во Париз“, смета бившиот шампион на Ју-Ес опен, Доминик Тим.

(Фото: Гети)