ФДУ ЌЕ ГО СЛАВИ ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ОД 27 МАРТ ДО 27 АПРИЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

Од 27 март до 27 април, на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје ќе се одржува мултимедијална програма насловена „Тетовирани импресии“ во чест на големиот драматург Горан Стефановски, кој почина во 2018. Настанот го организира ФДУ, со учество на соработници, колеги и студенти.

„Ќе нè потсетат на творештвото кое претставува бескрајна инспирација за минатите, сегашните и идните генерации на Факултетот, инспирација која нè поттикнува кон подобро и повеќе уште од нашата ‘Бушава азбука’. И од ‘Јане Задрогаз’, преку ‘Диво месо’, ‘Лет во место’, ‘Хај-фај‘, ‘Дупло дно’, ‘Тетовирани души’, ‘Чернодрински се враќа дома’, сè до ‘Огнени јазици’“, најавува организаторот.

Во рамките на програмата ќе има испитни претстави и етиди по текстови на Стефановски, проекции на филмови по негови сценарија и презентација на документарен филм во реализација, посветен на неговото дело.

„Ќе слушнете како изгледала соработката со Горан преку дискусии со неговите долгогодишни соработници, а и музичка програма во соработка со студенти од Факултетот за музичка уметност. Програмата ќе се заокружи на 27 април, неговиот роденден“, додаваат од ФДУ.

Влезот за сите настани е слободен.