НАЈДОБРИОТ СУМО БОРАЧ ВО ИСТОРИЈАТА СЕ ПОВЛЕКУВА ПО НАД 1.100 ПОБЕДИ

Токио, (Би-Би-Си)

Најголемиот шампион во сумо борењето Хакухо објави дека се пензионира по повеќе од 1.100 победи во кариерата. Тој напредуваше до највисокиот статус во спортот откако на 15-годишна возраст се пресели од Монголија во Јапонија.

Хакухо дебитираше во 2001 и шест години подоцна беше промовиран во јокозуна, највисокиот ранг во сумото. Откако во јули го освои рекордниот 45. турнир, тој изјави дека „неговото тело се распаѓа“ и дека ќе размисли за натамошната кариера. Тој сега се повлекува како најуспешниот и најтрофеен сумо борач во историјата, иако во изминатите години се мачеше со повреди.

Познат по својот напаѓачки стил, Хакухо има големи заслуги за пошироката популаризација на сумо борењето.