„РОЛИНГ СТОУНС“ ЈА ПОЧНА ПРВАТА ТУРНЕЈА БЕЗ ТАПАНАРОТ ЧАРЛИ ВОТС ОД 1963

Сент Луис, (АП)

Мик, Кит и Рони се повторно на турнеја, овојпат без тапанарот кој беше дел од групата речиси шест децении.

„Ролинг стоунс“ ја стартуваше одложената американска турнеја „Без филтер“ во Сент Луис, еден месец по смртта на Чарли Вотс. Концертот беше отворен со празна бина и со звук на тапани, додека фотографии од Вотс се изменуваа на видеобимот. По втората песна, Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд им се заблагодарија на фановите за поддршката и за љубовта кон Вотс, кој стана член на групата во 1963.

„Ова ни е прва турнеја без него досега“, кажа Џегер.

(Фото: АП)

Турнејата беше закажана за лани, но тогаш не се случи поради пандемијата. Десетици илјади луѓе носеа маска на концертот согласно здравствените протоколи во Сент Луис, а во салата имаше и пункт за вакцинирање.

Зад тапаните беше Стив Џордан, кој можеби е ново име за фановите на „Стоунс“, но соработува со членовите на групата уште од 1980-ите, особено Ричардс. Тој наводно учествувал во снимањето на албумот „Dirty Works“ од 1986 година, кога Вотс бил во најлошата фаза од зависноста од хероин и алкохол.