НЕ ГО РАЗБИРАМ НАЦИОНАЛИЗМОТ, ЗБОРУВАШЕ МИРА ФУРЛАН КОЈА ИЗБЕГА ВО САД ПОРАДИ „ЗАБРАНЕТА ЉУБОВ“, ПА ОСТВАРИ КАРИЕРА И ВО ХОЛИВУД

Загреб, (Индекс)

Мира Фурлан, една од најпопуларните југословенски актерки која подоцна оствари кариера и во Холивуд, почина по долго боледување на 65 години во САД, каде што избега со сопругот Горан Гајиќ во почетоците на распадот на Југославија.

Фурлан оствари над 50 филмски и телевизиски улоги во 1980-ите, проследено со статусот на еден од најголемите секс симболи, за потоа да се најде на ударот на јавноста поради врската со српскиот режисер Горан Гајиќ и животот на релацијата Загреб-Белград. Тие се запознаа уште во 1986 година, но кога почна војната во Хрватска, Фурлан се соочи со атмосфера на линч и, меѓу другото, доби отказ во Хрватскиот народен театар. Во 1991, Фурлан и Гајиќ заминаа за САД.

Фурлан ја имаше една од главните улоги во сите пет сезони на серијата „Вавилон 5“

„Јас бев од оние кои навистина веруваа во братство и единство, но не само на нашите народи. Не го разбирам национализмот, можеби тоа е резултат на моето воспитување во атеистичко и антинационалистичко семејство“, изјави Фурлан пред неколку години.

Пред да продолжи со глумата, Фурлан работела и како келнерка во САД, а првиот голем актерски ангажман го доби во 1993 година во научно-фантастичната серија „Вавилон 5“, во која беше една од главните ѕвезди во сите пет сезони. Подоцна се појави како научничката Даниел Русо во 20 епизоди од хит серијата „Изгубени“.

Како актерка се врати во Хрватска дури во 2016 година.