НЕ МИ Е ТОВАР ШТО МЕ СПОРЕДУВААТ СО ТАТКО МИ, ВЕЛИ МИК ШУМАХЕР ПРЕД ДЕБИТО ВО ФОРМУЛА 2

Маранело, (Би-Би-Си)

Мик Шумахер вели дека нема проблем со тоа што го споредуваат со неговиот славен татко Михаел, иако тоа би можело да претставува голем товар за еден млад спортист.

Деветнаесетгодишниот Мик оваа сезона ќе дебитира во Формула 2, а првата трка за тимот на Према ќе ја вози во Бахреин на 31 март.

„Тоа што ме споредуваат со татко ми никогаш не ми било проблем. Да те споредуваат со најголемиот возач во историјата на Формула 1 е цел што сакаш да ја постигнеш. Многу е посебно кога го имаш татко ти за идол. Чест ми е што ме споредуваат со него, бидејќи тоа ме тера да учам и напредувам“, вели Мик Шумахер.

Михаел Шумахер, кој се повлече во 2012 како седумкратен Ф-1 шампион, во јануари наполни 50 години, но никој го нема видено откако претрпи тешки повреди на мозокот во скијачка несреќа во декември 2013. Оттогаш, за него се грижи семејството во Швајцарија.

Мик ѝ се придружи на академијата на Ферари оваа зима, тимот со кој неговиот татко освои пет титули.

„Ова е многу позитивно за мене. Ферари ме прими како член на семејството и тука ќе можам да научам навистина многу“, вели Шумахер, кој е актуелен шампион во Европската Формула 3.