НЕ СЕ НАДЕВАВ НА ТРИ ЗЛАТНИ МЕДАЛИ И НА НОВ МАКЕДОНСКИ РЕКОРД, ВЕЛИ ОСНОВЕЦОТ ЃОРЃИ ЧЕШМЕЏИЕВСКИ ПО НАТПРЕВАРОТ ВО МЕСТЕЊЕ РУБИКОВИ КОЦКИ ВО БИХ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ѓорѓи Чешмеџиевски од Скопје освои шест медали на натпревар за местење рубикови коцки во Зворник, Босна и Херцеговина, од кои три златни. Четиринаесетгодишниот Чешмеџиевски на „Зворник самер 2024“ постави пет лични и осум македонски рекорди, освојувајќи и три сребрени медали.

„Овојпат, навистина многу вежбав, бидејќи немав училишни обврски. Очекував успех, но не очекував дека ќе освојам шест медали. Исто така, урнав осум национални рекорди. Кога ги добивав резултатите бев пресреќен бидејќи ова ми е еден од најдобрите настапи на меѓународен натпревар во последно време“, ни рече Ѓорѓи Чешмеџиевски.

Ѓорѓи на натпреварот во Зворник освои шест медали (Фото: Фејсбук)

Првиот рекорд го постигнал на седум години во 2018 на натпревар во Тирана. Моделот на коцка 2×2 го наместил за 4,38 секунди. Пред натпреварот во Зворник, Ѓорѓи имаше освоено 59 медали, и тоа 22 златни, 14 сребрени и 23 бронзени на домашни и на меѓународни првенства. Освен со раце, тој знае да намести коцка и со нозе и вели дека тоа му е посебен предизвик.

„Со рубикова коцка дојдов во контакт сосема случајно, на летен одмор кога имав пет години и веднаш ми стана многу интересна и омилена играчка. На почеток многу се мачев да наместам само една страна, за подоцна да почнам да ја местам целата“, ни рече во претходен разговор Ѓорѓи, кој од септември ќе биде деветто одделение во ООУ „Гоце Делчев“ во Скопје.

М. ЏАРОВСКА