НИЕ СМЕ ПАНК, НИКОГАШ НЕ НИ БИЛО ДО ПАРИ, ВЕЛИ ЉУПЧО КОСТОВСКИ, КОЈ ПИШУВА КНИГА ЗА СВОЈОТ БЕНД „ЊУ ПОЛИС СТЕЈТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Историјата на „Њу полис стејт“ (New Police State) и суштината на панкот ќе бидат раскажани и доловени во нова книга, што ја подготвува Љупчо Костовски, еден од основачите и тапанар на култниот скопски панк бенд. Со работен наслов „Македонски панк рецепт“, книгата е навраќање на повеќе од 30 години постоење на групата, која стана олицетворение на панкот, го живее(ше) панкот и цело време остана доследна на анархизмот, андерграундот и филозофијата „направи сам“, па Костовски вели дека ништо нема да изостави или сокрие.

Прва тетоважа, прва ‘четка‘, прв џоинт, прв фикс, нема што да се крие, нема што да се негира тука. Бендот е во прв план, не толку сцената воопшто“, искрен е Костовски.

„Њу полис стејт“ на својот последен настап во скопскиот клуб „Маракана“ во 2016 (Фото: А. Михајловски)

Њу полис стејт“ се Љупчо и неговиот постар брат Борче Костовски, попознат како Перса. Бендот бил основан во 1992 по враќањето на Борче од војната во Хрватска, а идејата ја добиле по одржувањето на сега веќе легендарниот хард кор фестивал во клубот „Кодекс“ на Правниот факултет во Скопје.

И тоа негово искуство од војната сакам да го вклучам во книгата, за да се види од каде ни се идеите за текстовите и мотивацијата. Сведоци сме на целото ова време, од транзицијата до денешниот општ хаос“, кажа Костовски.

Њу полис стејт“ никогаш не отстапиле од својот идентитет, па Костовски откри дека првпат земале пари за свирка дури во 2016, која засега им е и последна.

„Њу полис стејт“ се Љупчо и неговиот постар брат Борче Костовски, попознат како Перса (Фото: Фејсбук)

Ние секогаш сѐ правевме од љубов и за дружба. Ние сме панк, не гледавме дали ќе има пари. Ова е тоа што ме влече и не сакам да замре, а кога работам на книгата, се навраќам на тоа време и убаво ми доаѓа. Има многу за раскажување и затоа не сакам да брзам со книгата. Сега собирам материјали и фотографии, работи кои се објавувани во списанија и фанзини. Некои работи сакам и стриповски да ги прикажам“, вели тој.

Њу полис стејт“ има објавено два демо албума во 1993 и 1994 и еден официјален албум, што сами го снимија во своето подрумско студио во 1997, а излезе во 2001. Тие ќе бидат мастеризирани со помош на Тошо Филиповски, кој потоа ќе ги издаде на една плоча.

Тоа се кратки песни. Мајка ми велеше: ‘Треба да знаеш да ги кажеш работите кратко и јасно‘. Таа секогаш ни беше голема поддршка“, вели Костовски.

Г. КОНЕВ

Фото: Фејсбук/А. Михајловски