НИКОЈ НЕ ЈА ПАМЕТИ КРИЗАТА ВО ЈУГОСЛАВИЈА ВО 1980-ТИТЕ, СИТЕ СЕ СЕЌАВААТ НА МУЗИКАТА И ФИЛМОВИТЕ, КАЖА НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ НА ПРОМОЦИЈАТА НА НОВАТА КНИГА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сараевскиот музичар, актер и писател Неле Карајлиќ вчера на Саемот на книга во Скопје го промовираше третиот дел од романот „Солунска 28“, кој кај нас е во издание на „Арс ламина“. Култниот лик од хумористичната серија „Топ листа на надреалисти“ и фронтмен на бендот „Забрањено пушење“ напиша трилогија за три генерации на едно српско семејство кое живее на улицата Солунска во Белград.

Приказната започна на почетокот од 20. век, продолжи во Втората светска војна и во повоениот период, а сега зборува за експлозијата на поп-културата во 1980-тите.

„Најважно за овој трет дел е што е приказна за сексот, дрогата и рокенролот. Главниот лик Милан, кој е менаџер, својот живот на почетокот го раскажува во подкаст, што е сега најпопуларната форма на исповед. Ако не одиш кај свештеник да се исповедаш, одиш на разговор или кај психијатар или во подкаст. Ме влечеа две идеи додека пишував. Едната е како сите ние од регионот се сеќаваме на 1980-тите со некоја носталгија и со идеја дека тие години биле среќни. А, кога ќе ги погледнете историските факти, ќе видите дека воопшто не било така. Таа земја помина низ економска криза, општествена криза, која на крајот прерасна во страшна војна. Но, ние на тие години се сеќаваме со некоја радост. Има една група од Крагуевац која се вика ‘Веселите 1980-ти’. Тие години беа весели затоа што ние нашите впечатоци за таа земја ги врзувавме за нејзината популарна култура, а не за објективната историја. Историските случувања не оставиле толкава трага врз вашата душа како некоја плоча или некој филм. Никој нема да ја спомене 1981 како година кога се случиле првите демонстрации на Косово, но ќе се сеќаваме на таа година како година кога во трката за Златна арена во Пула учествуваше Емир Кустурица со филмот ‘Се сеќаваш ли Доли Бел‘“, рече на промоцијата во салата „Борис Трајковски“ Карајлиќ, чие вистинско име е Ненад Јанковиќ.

Неле Карајлиќ со уредничката на изданието Татјана Димовска-Атанасова на промоцијата на Саемот (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Во книгата тој споменува вистински ликови од македонскиот рокенрол, како Влатко Стефановски и фиктивни, како тапанарот Трајче. Поентата на Карајлиќ е дека популарната култура во регионот е обединета и сега.

„Сите тие ликови во книгата, како Бајага, Рака Мариќ, Влатко и Бора Чорба, се мои другари, целиот тој пат на рокенролот го поминавме заедно“, рече музичарот и додаде:

„Јас кога дојдов тука видов билборди со Марија Шерифовиќ и Петар Грашо. Тие се од поновото време и не биле активни во 1980-тите, но со самото тоа што се од регионот би привлекле повеќе публика од кој било странски бенд. Како што во Белград повеќе публика би имало на ‘Бијело дугме’ отколку на ‘Ролинг стоунс‘“.

Тој најави дека пишува нова книга која на поинаков начин се занимава со животот на Никола Тесла, но и песни за нов албум.

М. ЏАРОВСКА