НОВ РЕКОРД ЗА ЃОКОВИЌ, СТАНА ТЕНИСЕР СО НАЈМНОГУ ОДИГРАНИ ГРЕНД СЛЕМ МЕЧЕВИ

Мелбурн, (АП)

Новак Ѓоковиќ додаде уште еден рекорд на својата долга листа откако стана тенисер со најмногу одиграни гренд слем мечеви. Тој се пласираше во третото коло на Отвореното првенство на Австралија со победата над Жаиме Фара со 6:1, 6:7, 6:3, 6:2, што му беше 430. меч на гренд слем турнирите, надминувајќи го Роже Федерер.

Српскиот тенисер има скор од 379 победи и 51 пораз на гренд слем терените, додека Федерер ја заврши кариерата со 369-60.

„Гренд слемовите се столб на нашиот спорт. Тие дефинитивно се најважните турнири каде што се испишува историјата“, кажа 37-годишниот српски тенисер.

Во Мелбурн, тој ќе се обиде да ја освои 25. гренд слем титула и 100. АТП-титула. Пред него се само Федерер со 103 и Џими Конорс со 109 титули.

(Фото: АП)