И НОВАТА МИС УНИВЕРЗУМ ПОВИКА ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА СЕКСУАЛНОТО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ

Лас Вегас, (АП)

Темата сексуално вознемирување не го заобиколи ни годинашниот избор на Мис универзум, па Деми-Ли Нел-Питерс ги повика жените да се обединат против ова зло откако ја прими круната.

„Ако жените се фатат за раце и заедно се кренат, ќе бидеме нескршливи. Мора да им кажеме ‘не‘ на сите оние погрешни работи што се случуваат дома, на работно место или без разлика каде“, изјави 22-годишната Јужноафриканка.

Нел-Питерс, која неодамна дипломирала бизнис менаџмент, ги победи на изборот во Лас Вегас Колумбијката Лаура Гонсалес и Давина Бенет од Јамајка. Таа откри дека во последно време е посветена и на една друга мисија: откако на улица била цел на вооружен грабеж, почнала да развива програма, преку која жените тренираат самоодбрана.

Десетици политичари и холивудски личности изминатиов период се соочија со обвинувања за сексуално вознемирување, па и мис Јамајка ги повика и мажите и жените заедно да стават крај на ова.

„Сексуалното вознемирување е форма на злоставување, што никој од нас не смее да го толерира“, кажа Бенет.