НИНА Е ПРЕСРЕЌНА ДЕКА ЛУЃЕТО ЈА ПРЕПОЗНАВААТ КАКО АПТЕКАРКА ИАКО ИМА ДАУНОВ СИНДРОМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Се сеќавате ли на Нина Костовска од Тетово, девојката со Даунов синдром, која пред една година во видео кампањата „Биди фер. За детство без пречки“ услужуваше муштерии во аптека како аптекарски помошник. Оваа кампања лани ја почна УНИЦЕФ заедно со Европската унија за да се влијае на јавната свест дека Дауновиот синдром и другите пречки во развојот не треба да ги спречува младите луѓе да го остварат својот потенцијал.

Нина повторно се појавува во видео на УНИЦЕФ од истата кампања, и повторно е во улога на аптекарски помошник. Од УНИЦЕФ велат дека со новото видео со Нина направено една година подоцна, сакаат да видат дали се променило однесувањето на луѓето кон неа, откако можеле да се запознаат со она што таа го умее.

https://www.facebook.com/unicef.mk/videos/1760215640690429/

Видеото повторно, како и лани е снимено со скриена камера за да долови како луѓето реагираат кога ги услужува аптекарски помошник со Даунов синдром. Сега,  за разлика од лани каде дел од луѓето кои доаѓаа во аптеката одбиваа да ги служи девојка со Даунов синдром, сите реагираат позитивно на Нина.

Сузана Костовска, мајка на Нина за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека Нина со задоволство ја прифатила понудата повторно да сними видео за кампањата на УНИЦЕФ и дека овој пат била пресреќна.
„Сите позитивно реагираа. Никој не одби услуга од Нина, а таа беше надвор од себе од среќа што може да покаже што знае и умее. Нина не се откажува и секој ден се обидува да им покаже на луѓето дека и таа може. Сите луѓе, но и луѓето со пречки во развојот сака да ги поттикне да не гледаат во попреченоста, туку во можностите што ги има секој од нас“, вели Сузана.

Таа додека се снимало видеото во една скопска аптека, била надвор пред врата и можела да ги види реакциите на луѓето по излегување од аптеката.

„По излегување од аптека од продукцијата ги прашуваа да дадат согласност за да се појават во видеото, бидејќи се снимени анонимно. Сите до еден потпишаа и даваа само позитивни коментари. Еден повозрасен човек, кој се појавува во видеото, откако излезе од аптеката беше со солзи на очите и раскажа дека живее во Швајцарија и дека вакво нешто ниту таму не му се случило. Беше позитивно изненаден“, вели Сузана.

Нина има уште три испити за да го заврши факултетот за македонски јазик и литература на Државниот универзитет во Тетово.

Е.БОЧВАРОСКА