ОЛИМПИСКАТА ШАМПИОНКА ТОМПСОН-ХЕРА НА ПЕТ СТОТИНКИ ДО СВЕТСКИОТ РЕКОРД НА 100 МЕТРИ

Јуџин, (АП)

Олимписката шампионка Елејн Томпсон-Хера го истрча вториот најдобар резултат на 100 метри на сите времиња, доближувајќи се на само пет стотинки до светскиот рекорд на Флоренс Грифит-Џојнер.

На митингот од Дијамантската лига во Јуџин, Јамајчанката победи со време од 10,54 секунди и само Грифит-Џојнер има трчано побрзо во историјата, 10,49 секунди на американските квалификации за Олимписките игри во Сеул во 1988 година.

Ова следува кратко време откако Томпсон-Хера ги одбрани олимписките титули на 100 и 200 метри во Токио. Притоа стана и втората најбрза жена на 200 метри, откако во финалето беше побавна од светскиот рекорд на Грифит-Џојнер за 19 стотинки.