ОПЕРАТА НА БАРСЕЛОНА ПРОДОЛЖИ СО РАБОТА СО КОНЦЕРТ ЗА 2.292 РАСТЕНИЈА ВО ПУБЛИКА

Барселона, (АП)

Оперската куќа Лисеу во Барселона вчера повторно беше отворена, одржувајќи го првиот концерт пред публика која не требаше да се грижи за социјална дистанца.

Место луѓе, квартетот „УцеЛи“ го отсвири делото „Хризантеми“ од Џакомо Пучини за 2.292 растенија, по едно на секое седиште во салата. И луѓето можеа да го следат концертот во живо, но преку интернет. Настанот беше осмислен од шпанскиот уметник Еухенио Ампудија, кој кажа дека многу се инспирирал од природата за време на пандемијата.

(Фото: Ројтерс)

„Во изминатиот период слушнав многу повеќе пеење на птиците. И растенијата во мојата градина и наоколу растеа побрзо. Затоа си помислив дека сега би можел да се однесувам кон луѓето и природата на еден поинтимен начин“, изјави Ампудија.

На крајот на осумминутниот концерт, звукот на лисјата и гранките како се нишат на ветер се слушаше како аплауз во салата.

Оперската куќа ќе ги подари растенијата на здравствените работници како благодарност за нивниот посветен ангажман за време на епидемијата, која во Шпанија однесе над 28.000 животи. Шпанската влада во неделата ја укина вонредната состојба по повеќе од три месеци.