Министри, политичари, академици, професори и актери го наполнија салонот на Националната опера и балет (НОБ) за синоќешната премиера на операта „Скендербег“.
Авторскиот тим на првата албанска опера во националната куќа го сочинуваат Фатос Лумани (композитор), Ќендрим Ријани (режисер) и Аријан Красниќи (либретист), а диригираше Олси Ќинами, кој живее во Велика Британија.
Режисерот Ријани вели дека поставката на „Скендербег“ е современа и дека Ѓерѓ Кастриот, познат и под името Скендербег, во оваа опера се портретира како врвен борец, патриот, но и како човек обземен со човечки и љубовни чувства.
„Историјата на херојот во ова дело почнува со неговата врвна воена кариера во Османлиското царство и завршува во замокот во Круја, во земјата на неговите предци. На овој начин, во ова дело, Скендербег од Едрене му припаѓа целосно на минатото, затоа што на крајот тој се враќа како Ѓерѓ на Круја и на цела Арберија (денешна Албанија)“, вели либретистот Красниќи.
Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. Попов