Настапот на Дејвид Боуви во емисијата „Топ оф д попс“ во 1972 година се смета за една од пресвртните точки во музичката историја, но малкумина знаат дека тој првпат го претставил ликот на Зиги Стардаст на Ај-Ти-Ви еден месец порано.
Долго време се веруваше дека оваа снимка е избришана, но таа неодамна повторно беше откриена и би можела да биде вклучена во нов документарец на Би-Би-Си. Таа била снимена на домашен видеорекордер од еден фан, но бидејќи пропаднала со времето, сега мора бавно да се „пече“ во инкубатор, со надеж дека ќе биде спасена.
„За фановите на Боуви, тоа е како свети грал. Би се распаднала ако ја пуштиме, па мора многу внимателно да се реставрира. Ќе биде вистинска трагедија ако пропадне“, изјави Френсис Вотли, режисер и продуцент на „Дејвид Боуви: наоѓање на славата“.
Премиерата на документарецот е најавена за следниот месец.
„Снимката скоро беше пронајдена. Се надеваме дека ќе биде подготвена на време, за да ја вклучиме во филмот“, кажа портпаролот на Би-Би-Си.
„Изгубениот“ настап на Боуви се случил во шоуто „Полетување со Ајеша“, кое се емитуваше на Ај-Ти-Ви од 1969 до 1974 година. Речиси сите снимки по грешка биле избришани кога биле испратени на дигитализација.