ПАНДЕВ СЕ ПОВЛЕКУВА ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА КАКО ИКОНА И РЕКОРДЕР СО ИСПОЛНЕТИ СНИШТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската фудбалска репрезентација денеска останува без својата икона откако Горан Пандев објави дека мечот со Холандија на Европското првенство ќе му биде последен во националниот дрес. Не е првпат Пандев да најави повлекување од репрезентацијата, но сега на прагот на 38. година од животот и со исполнетиот сон да заигра на едно големо натпреварување, се чини дека одлуката е конечна.

Пандев вели дека ја остава репрезентацијата во сигурни раце, додека неговото место во македонскиот фудбалски фолклор е засекогаш осигурано.

  • Пандев имаше 18 години кога дебитираше за репрезентацијата на 6 јуни 2001 во Анкара, против Турција во квалификациите за Светското првенство 2002 во Јапонија и Јужна Кореја (3:3). Селекторот Ѓоре Јовановски го пушти во игра во 66. минута на местото на Арџент Беќири.
  • Првиот гол го постигна на 21 август истата година, на пријателската средба со Малта во Скопје (5:0).
  • Со двата гола против Шпанија во август 2009 го надмина Ѓорѓи Христов (16) и стана најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата.
  • Најефикасната година му беше 2009, кога на 10 натпревари постигна осум гола.
  • Пандев направи пауза од националниот тим во 2014 и 2015 година, по што се врати на наговор на тогашниот нов селектор Игор Ангеловски.
  • На 12 ноември 2020, Македонија обезбеди пласман на ЕП откако Пандев го постигна единствениот гол против Ерменија во финалето на баражот на Лигата на нации.
  • Тој уште еднаш се запиша во историјата на македонскиот фудбал кога против Австрија го даде првиот гол за Македонија на европските првенства.
  • Во пресрет на денешниот дуел со Холандија, Пандев е на 121 настап и 38 голови за репрезентацијата, рекорд во двете категории.