ПЕЈАЧОТ НА „АЈРОН МЕЈДН“ БРУС ДИКИНСОН СЕ РАЗДЕЛИ ОД СОПРУГАТА ПО 29 ГОДИНИ И СЕ ПРЕСЕЛИ ВО ПАРИЗ

Лондон, (Дејли мејл)

Легендарниот фронтмен на „Ајрон мејдн“ Брус Дикинсон објави дека по речиси 30 години брак се разделил од сопругата Педи. Тој вели дека засега не планираат развод, што би значело и правна битка за неговото богатство од 90 милиони фунти, јавуваат британските медиуми.

Шеесет и едногодишниот Дикинсон во меѓувреме се преселил во Париз, во домот на неговата нова, 15 години помлада девојка, која е инструкторка по фитнес и голем фан на „Ајрон мејдн“.

„Леана отсекогаш била голем фан на групата и ја следеше во последните десет години. Таа и Брус станаа навистина блиски во изминатата година и таа веќе ги запознала неговите деца“, кажа еден извор за весникот „Мирор“.

Дикинсон, кој пред три години се лекуваше од рак на јазик, и Педи се венчаа пред 29 години и заедно имаат три деца.