ПЕЈЗАЖИСТОТ НОВИЦА ТРАЈКОВСКИ ПРВПАТ ИЗЛОЖУВА АВТОПОРТРЕТИ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ.СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Автобиографија во слики“ на Новица Трајковски, прва по повеќемесечна пауза. Тој се претставува со 20-ина автопортрети, создадени во последните 20 години. Авторот, кој е познат како врвен пејзажист, со оваа изложба, трета во Велес, се претставува во друго светло.

„Општопозната фраза е дека уметниците се егоцентрични личности. Речиси секој познат уметник, Дирер, Леонардо, Рембрант, Ван Гог, Гоген, Реноар, Пикасо, правел автопортрети. За разлика од старлетите и естрадните уметници кои често прават фотосесии и на социјалните мрежи објавуваат еден куп селфија, автопортретот е сериозна уметничка дисциплина, што го покажува односот на ликовниот уметник кон себеси и кон тоа што го опкружува. Како одличен портретист, Трајковски ја има дарбата да ги прикаже карактерот и психолошката состојба на насликаниот лик, во овој случај, себеси“, кажа промоторот Душко Кралески.

Трајковски има завршено Факултет за ликовна уметност во класата на Димитар Кондовски и Родољуб Атанасов и има реализирано 50 самостојни изложби. Работи како слободен уметник.

П. ПЕЧКОВ