Пингвинот Олде, жител на зоолошката градина во данскиот град Оденсе, е прогласен за најстар на светот откако наполни 41 година. Олде, што на дански значи прабаба, беше признат за најстар пингвин во заробеништво од Гинисова книга на рекорди.
Природното живеалиште на овие пингвини е антарктичкиот регион и вообичаено живеат меѓу 15 и 20 години, но во заробеништво, нивниот животен век може да се продолжи и до 30 години. Во секој случај, како што велат од Гинис, Олде ги надмина сите очекувања.
„Фантастично е што имаме светски рекордер во нашата зоолошка градина. Сите вработени се професионалци и немаат омилени животни, но Олде има посебно место во нивните срца“, изјави портпаролот Дани Ларсен.
Олде е родена во зоолошката градина во Единбург на 16 мај 1979, по што 23 години живеела во Монтреал, пред да биде преселена во Оденсе во 2003.