Рафаел Надал ноќеска ја освои 19. гренд слем титула со победата над Данил Медведев од 7:5, 6:3, 5:7, 4:6, 6:4 во финалето на Отвореното првенство на САД и сега мирен може да го дочека најрадосниот ден во својот живот: венчавката со долгогодишната љубов Чиска Перељо.
Познат по тоа што не зборува јавно за својот приватен живот, Надал беше лут кога шпанските медиуми во јануари објавија дека тој планира свадба оваа есен и таа ќе се одржи на 19 октомври во Пуерто Поленса, град на брегот на Мајорка.
Надал и 31-годишната Марија Франсиска Чиска Перељо се заедно уште од училишните денови. Тие ја почнале врската во 2005, истата година кога Надал на Ролан Гарос ја освои својата прва гренд слем титула, но медиумите дознаа за нив дури во 2008, кога беа снимени заедно на плажа на Мајорка.
Перељо има дипломирано бизнис и денес работи во Тениската академија на Надал и е директорка на одделот за стратегии и односи со јавност во неговата фондација.
„Не ми е пријатно да зборувам за мојот приватен живот. Таков е и Рафаел и затоа така добро и функционираме како двојка“, вели Чиска.
Тие се свршија лани, но за тоа се дозна дури оваа година.
Од истечените информации за претстојната свадба се дознава дека ќе има околу 500 гости, вклучувајќи и големи ѕвезди, како Пау Гасол, Енрике Иглесијас, Кристијано Роналдо и колеги на Надал од тенискиот свет, но не и Роже Федерер.