Штипскиот театар утре (30 ноември) од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Јас, на некое друго место“, праизведба на текст на Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Јован Ристовски.
„Претставата е работена на текст на Ристоска-Трпеноска врз основа на оригинална приказна и претставува комедија која завршува трагично. Станува збор за жена, мајка на две деца, која постојано е под притисок од сите страни, најмногу од општеството и за да ги спаси од суровиот свет, на крајот се одлучува за најморбидното“, вели режисерот Ристовски, на кого ова му е трета соработка со ансамблот на Штипскиот театар.
Актерите сметаат дека и покрај трагичниот крај, комедијата ќе биде позитивно прифатена од публиката поради пораката што се праќа дека, сепак, помеѓу луѓето треба да постојат љубов и големо разбирање.
Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“ Кристина Атанасова-Арсова рече дека со оваа премиера завршува годинашната програма на претстави поддржани од Министерството за култура, но Народниот театар ќе има уште две свои: на 13 декември е премиера на претставата „Стан 54“, а на 17 декември на „Магична симфонија“.
Во сите три претстави играат Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Марија Минчева-Андонов, Стефанија Митовска, Елена Шорова-Дербов, Анѓелка Нашкова и Ава Хусеини, а сценографка e Марта Дојчиновска.
Т. ЈОВАНОВСКИ