ПРЕМИЕРА НА ХОРОР КОМЕДИЈАТА „КУЌАТА НА ДУХОВИТЕ“ ВО ТЕАТАР ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (11 јули) од 20 часот, во Театарот за деца и младинци (ТДМ) во Скопје премиерно ќе се изведе претставата „Куќата на духовите“, прва хорор комедија за деца кај нас, наменета за над осумгодишна возраст. Режисер е Деан Дамјановски, а драматург Горјан Милошевски.

„Две деца, едното плашливо, а другото голем инат, го бараат нивниот исчезнат татко во ‘Куќата на духовите’, Таа куќа замислете ја како еден возбудлив дел од голем забавен парк. Во неа ве очекуваат непредвидливи случки и смешни стапици. Заедно со Јаков и Веда одиме на пат на кој тие совладуваат неверојатни пречки. Низ тој пат следиме уникатна и многу забавна битка помеѓу доброто и злото“, вели Милошевски.

Играат Ангела Димитрова, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Винета Дамческа-Мојаноска, Никола Наковски, Емра Куртишова-Стојанова, Симона Спировска и Марија Ѓорѓијовска. Костимите се на Елена Вангеловска, сценографијата на Филип Коруновски, а музиката на Горан Трифуновски-Пајак.