„ПРЕТСЕДАТЕЛОТ Е ИСЧЕЗНАТ“, БИЛ КЛИНТОН НАПИША ПРВ ТРИЛЕР

Њујорк, (Би-Би-Си)

Бил Клинтон вели дека обожавал да биде претседател на САД. Сега се здружи со авторот на бестселери Џејмс Патерсон, за да напише политички трилер, кој се базира на неговото време во Белата куќа, наречен „Претседателот е исчезнат“. Ова е првпат поранешен американски претседател да напише трилер.

Клинтон претходно има напишано четири книги, меѓу кои и мемоарите „Мојот живот“.

„Сакам трилери. Прочитав огромен број книги од овој жанр. Само што ја завршив третата книга од трилогијата ‘Црвен врабец’ од Џејсон Метјуз“, вели поранешниот претседател.

Тој е голем фан на делата на Патерсон и вели дека во еден здив ги прочитал сите негови 25 книги со психологот-детектив Алекс Крос.

„Сѐ до 80-ите години, немав читано мистерии или трилери и само што навлегов во нив“, вели Клинтон, кој беше избран за претседател во 1992 година и истера два мандата.

Заплетот во неговата книга се врти околу катастрофалниот сајбер напад врз САД, кој му се заканува и на светот. Како што одминува времето, претседателот исчезнува.

Кабелскиот гигант „Шоутајм“ веќе ги откупи правата за романот и ќе снима ТВ-серија, која треба да се емитува в година. Клинтон смета дека Џорџ Клуни би бил добар претседател во серијата. Тој укажува на неговата улога на полковник на американската армија што го бараше украденото руско нуклеарно оружје во филмот „Миротворец” од 1997 година.

Но, постои уште една причина.

„Изгледаше одлично на венчавката на принцот Хари и Меган Маркл минатиот месец“, се смее Клинтон.