ПРИЛЕПСКИТЕ АКТЕРИ ЈА ИЗНОСИЈА „ГЛЕМБАЕВИ“ НА ЕВРОПСКО НИВО, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ БРЕЗОВЕЦ ПРЕД УТРЕШНАТА ИЗВЕДБА НА МОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По поставувањето на класикот на Мирослав Крлежа, „Господа Глембаеви“, во Риека и Загреб, реномираниот хрватски режисер Бранко Брезовец го донесе и во Прилепскиот театар, а утревечер игра во Скопје. „Глембаеви“ ќе се изведе во Младински културен центар на Млад отворен театар (МОТ) од 20 часот.

Брезовец за СМАРТ СДК.МК вели дека сите три претстави за Глембаеви се сосема различни.

„Риечката беше спектакуларна, до ниво на мјузикл, со Северина во главна улога, што можеби е и бласфемично за Крлежа. Загрепската од сите три изведби е најпрецизна во психолошка смисла, додека прилепската е најблиску до актуелизацијата на темата и интересна да се види како загрепското миље и Крлежијанските реченици се пренесени и одекнуваат во македонски простор. Загрепската и прилепската верзија на ‘Глембаеви’ се споија во една претстава и со тоа се доби хибрид со извонреден резултат. Така обединетите Глембаеви одиграа претстави во Загреб и Прилеп“, ни рече режисерот.

Даниела Иваноска и Андон Јованоски во сцена од претставата (Фото: Прилепски театар)

Со ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ соработува вторпат, по „Антица“ на Ристо Крле во 2010.

„Моето искуство со овој ансамбл е извонредно. Неговите дисциплина, концентрација и талент восхитуваат и се беспрекорни, на европско ниво. Тоа е нешто скапоцено и треба да е чува, негува и поттикнува. Самиот факт што овој ансамбл може да износи текст како ‘Глембаеви’, а се подготвуваме да го поставиме и ‘Хамлет’, зборува во прилог на оваа моја теза“, додава режисерот.

Во претставата играат: Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Андон Јованоски, Димитар Црцороски, Марија Спиркоска-Илијеска, Игор Трпчески, Димитар Ѓорѓиевски, Исидор Јованоски и Ана Митоска. Музиката е на Никола Мицевски, сценографијата на Ивана Кнез, а костимите на Сузана Брезовец.

Б. НЕСТОРОСКА