Драмата „Вујко Вања“ од Чехов се поставува на сцената на Народниот театар во Битола по повеќе од половина век, а со неа, како прва премиера во 2024, се одбележуваат и два актерски јубилеjа. Првенецот на Битолскиот театар Петар Горко, кој ја игра насловната улога во претставата, годинава слави 35 години плодна актерска дејност со преку 2.500 претстави, филмови и ТВ-серии и над сто одиграни театарски улоги, од кои половина главни.
Неговиот колега Никола Пројчевски, кој во претставата го игра Астров, одбележува 20 години актерска дејност во Народниот театар со одиграни стотина улоги во театрите во земјава.
Горко и Пројчевски, заедно со актерите Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска-Дранговска, Марија Стефановска, Валентин Дамчевски и Александар Димитровски, кој на публиката ѝ е познат по комедиите, а сега ќе игра сериозен лик, на театарската сцена во Битола ќе го вратат духот на Чехов по пауза од десетина години. Режисерка е Софија Ристевска-Петрушева, а премиерата е закажана на 26 јануари од 20 часот.
„Претставата зборува за стареењето, за тоа како се чувствува човек кој е во години и почнува да го преиспитува сопствениот живот. Претстава за загубените љубови, надежи, за губењето на домот. Претставата е за загубените, несреќни луѓе кои упорно се борат да го преживеат денот и да бидат лојални на себеси“, вели режисерката.
Горко вели дека филозофијата на Чехов е и филозофија на денешното време.
„Ја започнав работата на претставата со репликата во која вујко Вања вика: ‘Со ноќи не спијам од јад и лутина што толку глупаво го потрошив животот, а можев да го имам сето она што сега не ми го дозволува мојата старост’. Тоа е брилијантна филозофија на Чехов“, вели Горко.
Актерката Мирчевска, која ја игра Елена Андреевна, се повика на мислата на Чехов дека кога човек нема вистински живот, тој живее во илузии.
„Што правиме кога ги нема емоциите, кога животот ќе ни остане без љубов? Тогаш остануваат илузии и празни животи кои нѐ одминуваат. Убаво е што светот оди напред со сите тие технологии, но ние се губиме. Претставата нека биде опомена колку е важно да го исполниме животот со љубов и емоции и да го изживееме квалитетно“, рече Мирчевска.
Пројчевски, пак, потсети дека ликовите на Чехов копнеат да заминат во големата Москва, исто како што ние денес се стремиме кон големата Европа или САД.
„Но, луѓето во драмите на Чехов се оние кои остануваат, а не оние кои го напуштиле бродот што тоне, се иселуваат и велат: ’Еј, голем успех направивме, заминавме во странство и сега тера животот’. Луѓето кои остануваат сме ние, вие, нашите сограѓани кои немаат што да прават освен да си ги величаат своите работни места, силно да говорат колку се потребни и значајни, оти во овие депонии каде што живееме само тоа ни останува. Драмите на Чехов се надежта за подобро утре“, рече Пројчевски.
Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценограф Валентин Светозарев, а костимограф Андреј Папаз.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: Битолски театар