СЕ СПРЕМА ТРЕТА ПОСТАНОВКА НА „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во Македонскиот народен театар (МНТ) се одржа првата читачка проба за претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин. Асистент на режија е Шенај Мандак.

Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Сценограф е Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.

Ова е трета постановка на познатата драма на Нушиќ. Првата беше премиерно изведена на 8 мај 1945, во режија на Тодор Николовски и тоа е втора поставена драма на сцената на МНТ воопшто. Потоа беше поставена уште еднаш, во 1993, во режија на Димитрие Османли, што е една од најпосетените и најдолговечни претстави на театарот. Се играше до 2008 и имаше 188 изведби.

Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период. Ова е негова трета претстава во театарот, по „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).