Еден од најтврдокорните ергени во Холивуд, Хју Грант, вели дека имал многу добра причина што, конечно, решил да се ожени.
„Имаме три деца заедно, живееме заедно и не ми се допаѓаше имиграцискиот момент во сето тоа“, вели 57-годишниот Грант.
Тој се ожени минатиот месец со 18 години помладата шведска продуцентка Ана Еберстајн, на скромна граѓанска церемонија во Лондон.
„Имиграциските власти цело време нѐ делеа. Грантови, односно јас и децата, на една страна, а таа и дадилките на друга. Тоа едноставно не беше во ред“, појасни ѕвездата на „Четири венчавки и погреб“.
Тој во минатото често истакнуваше дека не верува во институцијата брак.
„Сѐ уште мислам дека тоа е глупост и слично размислува и жена ми. Но, сепак, е пријатна работа“.
Најпознат по улоги во романтични комедии и драми, најновиот проект на Грант е минисеријата „Вистински англиски скандал“, во којашто го игра покојниот лидер на Либералната партија, Џереми Торп, кој беше вклучен во скандал со убиство во 70-ите години.