Бевме Одисеј и Пенелопа, но бевме и Реиф и Жилиет, вели оскаровката Жилиет Бинош за новиот филм со британскиот глумец Реиф Фајнс, „Враќање“ на Уберто Пазолини, кој беше промовиран лани на Солунскиот филмски фестивал. Во кината игра од 11 април.
„Враќање“ е третиот филм во нивната над 30-годишна соработка, Првпат играа заедно во „Оркански височини“ во 1992, а четири години подоцна во оскаровскиот хит „Англискиот пациент“.
„Враќање“ е снимен според Хомеровата „Одисеја“, Фајнс го игра Одисеј, кој се враќа во Итака по 20-годишната Тројанска војна, а Бинош е неговата верна сопруга Пенелопа.
„Со години сме пријатели, така што во оваа приказна влеговме со багаж, ха, ха. Искрено, бев трогната затоа што ги играме овие историски ликови, но исто така глумиме и човечки суштества и наша задача беше да им дадеме човечност. Бевме Одисеј и Пенелопа, но исто така бевме Реиф и Жилиет“, вели француската оскаровка во интервју за британски „Индипендент“.
На прашањето колку се смениле низ годините, 61-годишната глумица вели:
„Кај Реиф гледам поголем развој отколку кај мене. Сега го знам подобро, ми дозволи да му се доближам. Ги знам неговите желби, ги знам неговите мрачни страни и неговата убавина. Го обожавам. Си ги знае сопствените граници и не се плаши да зборува за нив со мене. На некој начин чувствувам како да сме од исто семејство“.
За тоа дали по толку години работа и љубовни сцени се вљубиле еден во друг, Бинош вели:
„Се разбира дека се вљубивме. Твоето битие мора да верува во глумата и мора да ја увериш публиката да верува во тоа. Во доменот на глумата, вие навистина верувате во она што го чувствувате, во секој чекор. Еднаш ја прашав Мерил Стрип: ‘Дали се заљуби во Роберт де Ниро на снимањето на ‘Ловец на елени’? Како можеше да му одолееш?’ Таа рече: ‘Го сакам, навистина сум длабоко заљубена во него, но кога станува збор за животот, тоа е друга приказна’. Тоа е глума, не значи дека сте љубовници надвор од неа“.
(Фото: Гети)