ШЕНЕН ДОЕРТИ БИЛА ИСФРЛЕНА ОД СЕРИЈАТА „БЕВЕРЛИ ХИЛС 90210“ ЗАШТО ЈА СКРАТИЛА КОСАТА БЕЗ ДА ИМ НАЈАВИ НА ПРОДУЦЕНТИТЕ

САД, (Ентертејнмент Викли)

На 53 години, почина холивудската актерка Шенен Доерти, после повеќегодишна борба со ракот. Ѕвездата на серијата „Беверли Хилс 90210“ која ја играше улогата на Бренда Волш починала во саботата (13 јули), изјави за „Пипл“ нејзината портпаролка.

Доерти е родена на 12 април во 1971 во Мемфис, Тенеси. Нејзиниот татко Том работел во банка, a нејзината мајка Роуз имала свој салон за убавина. Како актерка дебитирала на 10 години, во серијата „Татк Марфи“, откако со семејството се преселила со Лос Анџелес, каде што татко ѝ имал свој приватен бизнис. Таа стана позната на 11 години како Џени Вајлдер во серијата „Мала куќа во преријата“. Подоцна, Доерти глумеше со Сара Џесика Паркер и Хелен Хант во филмот „Девојките само сакаат да се забавуваат“ и во тинејџерската комедија „Хедерс“ со Винона Рајдер.

Нејзината најголема популарност дојде во 1990, на 19-годишна возраст, кога доби улога во хит-серијата на Арон Спелинг, „Беверли Хилс, 90210“, во улогата на Бренда, близначката на Брендон Волш, кој го играше Џејсон Пристли. Популарната тинејџерска драма привлече млади тинејџерки кои се поистоветуваа со нејзиниот лик, но Доерти стана позната како проблематична девојка за време на снимањето поради лошото однесување.
Магазинот „Пипл“ ја нарече „лошата девојка на Холивуд од 1990-тите“, а меѓу 1992 и 1994 , на насловите на таблоидите доминираа текстовите за наводните тепачки меѓу Доерти и нејзините колешки, особено за нејзината жестока расправија со Џени Гарт, која ја глумеше Кели Тејлор.

Повеќе медиуми објавија дека поради тоа добила отказ по четвртата сезона. Она што навистина ги поттикнало продуцентите да ја исфрлат е тоа што ја скратила косата на половина од снимањето на финалето на сезоната без да каже никому. Сценаристот и продуцент Лери Молин рече дека изненадувачката фризура на Доерти е она што навистина ги налутило продуцентите.

Таа ја напушти серијата во 1994 година, по што продолжи да глуми во филмови.

Во 2004, Доерти се врати на телевизија во серијата на Фокс „Северен брег“. Серијата беше откажана по една сезона. Во 2006 година глумеше во сопствената реалити серија „Раскинување со Шенен Доерти“.

Во серијата „Беверли Хилс, 90210“ проблематичниот Дилан Мекеј беше миленик на фановите и го направи Лук Пери тинејџерски идол од 90-тите. „Фокс“ сакаше да го избрка Пери по првите две епизоди, но главниот пеодуцент на серијата Арон Спелинг толку многу го засака ликот на Дилан што се избори тој да остане. Пери и Доерти станаа тинејџерски идоли додека ја играа романсата на Бренда и Дилан.

Пери почина од мозочен удар во 2019, на 52 години, а со Доерти останаа пријатели и по завршувањето на серијата.

Доерти во февруари годинава објави дека ракот на ѝ се вратил. Болеста во меѓувреме ѝ се прошири на ‘рбетот. Ракот на дојка првпат ѝ бил дијагностициран во 2015.

Во 2019 глумеше во новата минисерија „БХ90210“ и по 30 години повторно ја играше улогата на Бренда Волш од култната тинејџерска серија.