Ултратркачот Килијан Жорнет успеа за 19 дена да поврзе 82 алпски врва повисоки од 4.000 метри во Швајцарија, Италија и Франција, при што трчаше, планинареше и возеше велосипед.
Триесет и шестгодишниот Шпанец помина 1.207 километри и искачи вкупна надморска височина од 75.344 метри. Неговиот проект „Алпски конекции“ беше поделен во 16 етапи за 19 дена, што опфати и еден ден одмор. Етапите во просек траеја по 17 часа.

Жорнет го собори рекордот на Швајцарецот Ули Штек, кој искачи 82 врва за 62 дена во 2015. Својот подвиг го почна на 13 август во Швајцарија, а последните етапи му беа во Италија и Франција. Масивот Мон Блан беше најдолгиот и најпредизвикувачки, зашто таму ги искачи некои од највисоките врвови, Мон Блан (4.808 метри) и Гранд Жорас (4.208).
Националниот парк Гран Парадизо во Италија беше поврзан со францускиот национален парк Екрин со долга велосипедистичка етапа.
„Овој проект беше неверојатен. Мислам дека е една од најпредизвикувачките работи што сум ги направил, и физички и технички и ментално. Да се биде во состојба на целосна концентрација цели 20 дена бара многу енергија, но горд сум и среќен со ова што го постигнав“, изјави Жорнет.
(Фото: Алпски конекции)