ШПАНКАТА АНХЕЛА ПОНСЕ СТАНА ПРВА ТРАНСРОДОВА ЛИЧНОСТ КОЈА УЧЕСТВУВАЛА НА МИС УНИВЕРЗУМ

Бангкок, (Индипендент)

Шпански модел испиша историја како прва трансродова личноста која учествувала во изборот за Мис Универзум.

Дваесет и седумгодишната Анхела Понсе, која во јуни стана Мис Шпанија, не успеа да ја освои круната, но, како што кажа, самото нејзино учество има далеку поголема важност од победата.

„Мојата голема надеж е дека утре ќе можам да живеам во свет во којшто сите ќе бидат еднакви и сите ќе бидеме, пред сѐ, луѓе, за да можеме да си го направиме животот полесен. Ако можам тоа да му го дадам на светот, тогаш не ми треба да бидам Мис Универзум. Доволно е што сум тука“, изјави Понсе.

Организаторите ѝ оддадоа посебна почит на Понсе на манифестацијата во Бангкок, прикажувајќи кратко видео за неа.

„Анхела Понсе е сѐ она што би го очекувале од една Мис Универзум. Таа е умна, амбициозна, убава, исклучителна и нејзиниот животен пат беше сѐ само не обичен. Таа е победник со самото тоа што стои овдека, пред светскиот аудиториум“, кажа ководителката Ешли Грем.

Организаторите на Мис Универзум во 2012 година ја укинаа забраната за учество на трансродови лица.