СЛЕДНИОТ ЏЕЈМС БОНД ТРЕБА ДА БИДЕ БРИТАНЕЦ, РЕЧЕ ПИРС БРОСНАН ОТКАКО ФРАНШИЗАТА ЈА ПРЕЗЕДОА АМЕРИКАНЦИТЕ

Лондон, (Би-Би-Си)

Актерот Пирс Броснан вели дека следниот Џејмс Бонд треба да биде Британец.

Во интервју за „Сандеј телеграф“, поранешниот Бонд рече дека смета дека е вистинска одлука тоа што долгогодишните продуценти на франшизата му ја предадоа креативната контрола на „Амазон“. Наследникот на Даниел Крег ќе го избере студиото „Амазон МГМ“.

Бонд во минатото го играа Австралиецот Џорџ Лејзенби и Ирецот Броснан, но никогаш не бил Американец. Меѓу актерите кои се во игра за улогата сега е и Остин Батлер, роден во Калифорнија.

Клинт Иствуд еднаш наводно ја одбил улогата, а холивудската легенда претходно тврдеше дека му се обратиле да ја преземе улогата по Шон Конери во 1967 година.

Според договорот објавен минатиот месец, продуцентите на „Бонд“ Барбара Броколи и Мајкл Вилсон ќе останат косопственици на франшизата, но студиото „Амазон МГМ“ ќе ја има креативната контрола.

„Многу сум горд што сум дел од историјата и наследството на Бонд“, кажа Броснан, кој глумеше во четири филма од 1995 до 2002.