Словенката Тамара Зиданшек е најголемата сензација на годинашниот Ролан Гарос откако се пласираше во полуфиналето со победата над Паула Бадоса со 7;5, 4:6, 8:6. Тоа е најголемиот успех во кариерата на 23-годишната Зиданшек, која се наоѓа на 85. место на ВТА листата и досега немаше поминато второ коло на ниеден гренд слем турнир.
Зиданшек е втората Словенка која ќе игра гренд слем полуфинале, што претходно ѝ успеа единствено на Мима Јаушовец, која под знамето на Југославија и го освои Ролан Гарос во 1977 година.
„Ова изгледа лудо, дури и за мене. Ќе се обидам да се фокусирам на следниот меч“, изјави Зиданшек.
Таа почна да го привлекува вниманието на тениската јавност кога во првото коло ја елиминираше Бјанка Андрееску, седмиот светски рекет и освојувачка на Ју-Ес опен пред две години. Тоа ѝ беше прва победа над тенисерка од топ 10 во кариерата.
Зиданшек е родена во Постојна и прво се занимавала со сноубординг, станувајќи јуниорска шампионка на Словенија.