СО ФОТОИЗЛОЖБА ВО МАЛА СТАНИЦА ПОЧНУВА УНГАРСКАТА КУЛТУРНА СЕЗОНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19 часот, во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе се отвори изложбата „Модерни трендови во унгарската фотографија“. Изложбата е дел од Неделите на унгарска култура во Македонија, во организација на амбасадата на Унгарија, Унгарскиот музеј за уметност и Дирекцијата за култура и уметност.

„Изложбата има за цел да ги истакне прогресивните идеи што оставија голем печат во уметничката фотографија на Унгарија во 20. век преку дела од светски познати фотографи и други уметници кои досега беа попознати во Унгарија отколку во останатиот дел од светот. Изборот е направен од колекциите што се наоѓаат во Унгарскиот музеј на фотографија“, велат од унгарската амбасада.

Амбасадорот Ласло Дукс кажа дека Унгарија ќе биде земја во фокус на годинашниот Саем на книга, на Скопско лето ќе дојде ансамблот „Рајко“, ќе има изложби во Тетово, Битола, Кавадарци и Куманово, како и концерти во Битола, Прилеп и Крушево.

Б. НЕСТОРОСКА