СОНУВАМ ДА Ѝ ДАДАМ УШТЕ ЕДЕН ГОЛ НА АНГЛИЈА, ОВОЈПАТ СО ДЕСНА РАКА, КАЖА МАРАДОНА ЗА 60. РОДЕНДЕН

Буенос Аирес, (Би-Би-Си)

Познат по својот див животен стил, колку и по својот фудбалски гениј, Диего Армандо Марадона денеска полни 60 години, возраст што многумина мислеа дека нема да ја доживее.

Откако имаше два срцеви удара во последните 20 години, фати хепатит и беше на клиники за одвикнување од дрога и алкохол, Марадона ќе го помине роденденот во изолација, како мерка на претпазливост, откако еден негов телохранител разви симптоми на ковид-19 оваа недела.

Роден во сиромашно маало на Буенос Аирес на 30 октомври 1960, Марадона од мали нозе покажувал дека е несекојдневен талент, што потоа го искористи за да стане еден од најдобрите и најобожувани фудбалери на сите времиња, играјќи за Бока џуниорс, Барселона, Наполи и Аргентина.

Марадона со мундијалскиот трофеј во 1986 (Фото: Гети)

„Најгорд сум на тоа што ги усреќував луѓето преку фудбалот, што им давав задоволство и забава на оние кои ме гледаа“, вели Марадона.

Во својата татковина тој има статус на божество до таа точка што група фанови отвори црква посветена на него.

Марадона беше инспирацијата зад триумфот на Аргентина на Светското првенство 1986 во Мексико, а неговиот гол со рака против Англија останува најконтроверзниот во историјата на фудбалот. На прашањето што сака за 60. роденден, тој се пошегува:

„Сонувам да им дадам уште еден гол на Англичаните, овојпат со десна рака“, кажа Марадона за „Франс фудбал“.

Бившиот клуб Њуелс олд бојс лани за роденден му подари трон (Фото: Гети)

Во 21 година кариера, тој постигна 346 голови на 679 натпревари, но таа беше обележана и со скандали, главно поради користење кокаин. Помалку успешен беше како тренер, особено како селектор на Аргентина, но и покрај сѐ, Марадона останува идол и фудбалски бог за многумина.

„Никогаш не се покајав за моите постапки. Секогаш сум мислел дека животот треба да се живее до максимум“, кажа Марадона своевремено.